Кина и Русија се засекогаш пријатели, непријатели никогаш, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји при посетата на Москва, поздравувајќи ја нормализацијата на односите меѓу Русија и САД.
Принципот „пријатели засекогаш, непријатели никогаш“ служи како цврста правна основа за проширување на стратешката соработка на повисоко ниво“, рече Ванг во интервју за руската новинска агенција РИА.
Шефот на кинеската дипломатија е во тридневна посета на Москва за да разговара за стратешката соработка, но тоа патување се одвива во сенка на неизвесноста во преговорите за прекинот на огнот во Украина и критиките упатени кон руското и украинското раководство од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во Москва, покрај неговиот колега Сергеј Лавров, Ванг се сретна и со претседателот Владимир Путин.
Кинескиот министер рече дека сегашните глобални околности ги обврзуваат големите сили да дејствуваат како фактори на стабилност, па затоа е охрабрувачки што Русија и САД се обидуваат да ги подобрат своите односи.
„Трамп не се обидува да се доближи до Русија за да ја одврати од Кина. Тоа е добро за стабилизација на односите на моќта меѓу големите сили и поттикнува оптимизам во оваа разочарувачка меѓународна ситуација“, ја цитира РИА изјавата на Ванг.
Шефот на кинеската дипломатија ги отфрли тврдењата дека Трамп се обидува да се зближи со Русија за да ја одврати од Кина и таквите идеи ги нарече „повторување на застарено конфронтирачко и блокско размислување“.
Ванг смета дека разговорите за прекинот на огнот во Украина веќе доведоа до одредени резултати и дека тие треба да продолжат и покрај различните ставови и тешката ситуација на бојното поле.
„Чекорот кон мирот, иако не е многу голем, е конструктивен – вреди да се надградува“, рече тој, заклучувајќи дека мирот е нешто за што треба „напорно да се работи“ за да се постигне.