„Вреди“: Посакуваме Бектеши да ја докаже невиноста, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за Кочани

Макфакс

01/04/2025

18:26

633

Големина на фонт

а а а

Коалицијата „Вреди“ посакува ексминистерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши да ја докаже својата невиност во случајот со лиценцата за дискотеката „Пулс“ во Кочани, без оглед на ривалството со Интегративците.

„Без разлика што сме лути политички противници, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за трагедијата во Кочани. Но, за тоа одлучуваат правосудните органи, а не политичките чинители“, велат од „Вреди“.

Понатаму додаваат дека ДУИ веќе се претвориле во партија чија единствена идеологија е одбрана на своите поранешни функционери. За таа нивна цел, како што додаваат, се подготвени да ги бојкотираат локалните избори и да се обидат да предизвикаат политичка криза.

„Кога ДУИ зборува за систем, треба да одговори на што точно мисли. На системот кој нивниот режим го создаваше 22 години, додека беа дел од сите Влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? На Јавното Обвинителство на Ислам Абази? На бегалците од правдата Артан Груби и Прпарим Бајрами? На системот на владеење кој од голобради функционерчиња на ДУИ направи милионери на грбот на Албанците? На системот во кој имаше селективна одговорност за трагедиите со модуларната болница во Тетово, Ласкарци, Беса транс?“, се додава во соопштението на коалицијата на албанските партии која е дел од владејачката гарнитура.

Понатаму заклучуваат и дека колку и да се препелка ДУИ, колку и лажно да се претставуваат како фактор меѓу Албанците, политичкиот крај на ова нивно корумпирано раководство пристигнува.