Хилари Клинтон ги искритикува политиките на администрацијата на Трамп: „Опасни и глупави – поради Трамп Америка ќе остане без пријатели“

Точка

28/03/2025

21:21

1.759

Големина на фонт

а а а

Поранешната демократска кандидатка за претседател, Хилари Клинтон, ги нарече опасни и глупави политиките на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оценувајќи дека тој ќе ги направи САД слаби и без сојузници.

Во својата статија за The New York Times, таа остро го критикуваше скандалот со групниот чет на Signal, како и политиката за намалување на бројот на федерални службеници, што ја спроведува Илон Маск, CNBC.


Клинтон изјави дека ѝ пречи „глупоста на новата управа“ и се осврна на скандалот со групните разговори, кога советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, по грешка додал истакнат новинар во мала група владини претставници, меѓу кои бил и секретарот за одбрана Пит Хегсет. Во разговорот биле споделувани детали за претстојниот напад врз милитантната група Хути во Јемен.


Клинтон нагласи дека високите функционери на Трамп ги загрозиле американските војници со тоа што споделувале воени планови преку апликација за пораки и погрешно вклучиле новинар. Според неа, ваквата постапка била „глупава и опасна“.


Таа истакна дека ова е само уште еден во низата неуспеси на администрацијата, која ја троши моќта на Америка и ја загрозува националната безбедност. Посебно ја критикуваше елиминацијата на Американската агенција за меѓународен развој (USAID), нагласувајќи дека тоа е штетно за глобалната позиција на САД.


„Во опасен и сложен свет, не е доволно да се биде силен – мора да се биде и мудар. Како државен секретар во администрацијата на претседателот Барак Обама, се залагав за паметно владеење, кое ја интегрира цврстата моќ на нашата војска со меката моќ на американската дипломатија, развојната помош, економската сила и културното влијание“, напиша Клинтон.


Според неа, овие елементи заедно ја прават Америка суперсила. Таа оцени дека, наместо тоа, Трамп води ограничена политика што ќе ги остави САД осамени и ослабени. Клинтон заклучи дека администрацијата на Трамп „не знае по кој пат да тргне“ и нема јасна стратегија.


„Трамп се коцка со националната безбедност. Ако вака продолжи, скандалот со групните разговори ќе ни биде најмалата грижа“, предупреди Клинтон.