„Toyota“ останува верна на својата традиција да ги усовршува своите легендарни модели, наместо целосно да ги редизајнира. Најновата верзија на „Land Cruiser 300“ серијата не е исклучок.
Компанијата ја претстави благо освежената верзија на овој „SUV“ во Јапонија, иако моделот сè уште не се нуди надвор од таа земја.
Моделот за 2026 година не носи големи стилски промени во однос на оригиналната верзија од август 2021 година, но „Toyota“ се фокусираше на технолошки надградби.
Ако планиравте да го нарачате овој модел – ништо од тоа! „Toyota“ привремено ги запре новите нарачки за да се фокусира на расчистување на постојните резерви.
Најголеми промени – во кабината
Средното и високото ниво на опрема сега доаѓаат со нови 12,3-инчни „TFT“ дигитални инструменти, додека основниот модел е опремен со 7-инчен екран. Овој систем е споен со 8-инчен инфозабавен екран, но купувачите можат да изберат и поголем 12,3-инчен дисплеј доколку сакаат поимпозантен изглед.
Бидејќи „Land Cruiser“ стана најчесто крадениот автомобил во Јапонија, „Toyota“ воведе дополнителни безбедносни мерки. Функцијата „My Car Start Lock“ им овозможува на сопствениците далечински да го заклучат моторот преку паметен телефон, спречувајќи ги крадците да го однесат возилото.
Покрај тоа, сите модели сега доаѓаат со старт-копче кое користи автентикација со отпечаток од прст, систем што проверува дали паметниот клуч е во близина на возилото, аларм со сензор за наклон и имобилизатор.
Механички, нема промени. „Land Cruiser 300“ и понатаму ги нуди истите 3,5-литарски „V6 twin-turbo“ бензински и 3,3-литарски „V6“ дизел мотори, двата во комбинација со 10-брзински автоматски менувач и погон на сите четири тркала.
Сепак, „Toyota“ нагласува дека дизел моторот сега ги исполнува најновите еколошки стандарди во Јапонија.
Цената за освежениот „Land Cruiser 300“ започнува од околу 35.500 евра за основната бензинска верзија „GX“, додека дизел верзијата „GR Sport“ достигнува до 55.000 евра.
Во споредба со претходниот модел, цените се зголемени од 1.000 до 1.200 евра, во зависност од опремата, но, како што веќе споменавме, моментално цената и не е толку важна.
Побарувачката за „Land Cruiser 300“ во Јапонија отсекогаш била поголема од достапната понуда, што резултираше со долгогодишни листи на чекање. За да избегне дополнителни проблеми, „Toyota“ ги запре новите нарачки додека не ги испорача возилата на купувачите кои веќе ги нарачале.