„Република Северна Македонија не може да избега од југословенската орбита во која е создадена. Тешко е да се излезе од ова наследство, а тоа важи и за политичката класа“. Ова го изјави за БГНЕС, бугарскиот историчар Ангел Димитров на презентацијата на неговата нова книга „Бугарија и Република Северна Македонија. Средба меѓу историјата и политиката“.
Бугарскиот историчар ја претстави својата нова книга за односите на Македонија со Бугарија.
Оваа книга е продолжение на „Република Македонија меѓу Југославија и национализмот“, објавена во 2011 година.
БГНЕС пишува дека новото истражување фрла светлина врз српско-југословенските планови за Македонија, причините за одбивањето на политичката елита во Скопје искрено да и се приближи на Бугарија и нејзината папочна врвца со Белград и Москва.
„Зошто мораше да се напише оваа книга? Затоа што допира прашања со пулсирачко историско значење и директно влијание врз можноста за вистинска, добра и заедничка иднина меѓу двете соседни земји. Република Македонија не е во состојба да избега од југословенската орбита во која се креираше државната политика“, изјави Димитров.
„Идеологијата на македонизмот е идеолошката оска на сите влади кои сносат одговорност за иднината на оваа држава (Република Македонија). Ни треба искрена, пријателска иднина меѓу двете земји“, нагласи тој.
Димитров објасни дека длабоката држава во Скопје има моќ да го обликува општеството и политиката. Во конкретниот случај, тоа се сите овие структури и поединци поврзани со старите служби кои ја држат економската моќ.
Димитров посочи дека македонскиот идентитет е производ на Белград и Москва, на старата српска доктрина на Стојан Новаковиќ и нејзината последователна модификација од страна на Коминтерната.
„Помирувањето е можно ако се постигне историска, социјална и политичка катарза. Се надевам дека луѓето не го изгубиле чувството за блискост со Бугарија“, додаде историчарот.
На презентацијата на книгата присуствуваа двајца поранешни премиери на Бугарија – Филип Димитров и Марин Рајков, десетици научници, дипломати, новинари, јавни личности.
Ангел Димитров е и копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања со Македонија, која претседаваше во рамки на Договорот за добрососедство меѓу двете држави.