Повредените со изгореници да не веруваат на мевлеми на социјалните мрежи, преврските се прават во болница, апелира директорката на Пластична хирургија

Макфакс

27/03/2025

15:41

987

Големина на фонт

а а а

Тим од Пластична хирургија и од Министерството за здравство вчера констатирал дека во болницата во Кочани има услови за лекување на повредените пациенти, особено на оние со изгореници од прв и втор степен, но недостига кадар, па затоа тим од Скопје ќе биде на располагање во Кочани. Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, повика повредените пациенти на преврски да одат во кочанската болница.

„Нашата цел е пациентите со помал степен на изгореници да ги префрлиме, да не доаѓаат на два-три дена во Скопје, туку да може таму да одат на преврски. Во моментот пациентите од првиот и вториот пик се релативно стабилни и добри, без некои големи инфекции. На оние што се кај нас можам да кажам дека веќе и целосно им се зараснати раните, зборувам за оние што имаа изгореници од втор степен“, рече директорката Ѓоргиевска-Павловска.

Таа апелира повредените да не веруваат на сѐ што ќе им излезе на социјалните мрежи во врска со лекувањето на изгорениците.


„Вчера, некој ми потспомна дека има некои мевлеми што се продаваат на социјалните мрежи. Не знаеме од какво потекло се, дали се стерилни или не. Апелирам, преврските да ги прават со тимот лекари што ќе дојдат во Кочани во стерилни услови за да можеме инфекциите да ги сведеме на минимум“, апелира директорката Ѓоргиевска-Павловска.

Во лекувањето изгореници директорката предупреди дека инфекции може да се појават во секоја фаза од зараснувањето поради што мора да се внимава и на стерилни лекови и стерилни услови за преврски.