Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска го посетија основното училиште „Партенија Зографски“ каде во тек е поставување на фотоволтаичен систем. Станува збор за инвестиција која се реализира во рамки на проект за подобрување на енергетската ефикасност на училишта на територијата на Кисела Вода, Карпош и Зелениково, кој е финансиран од Владата, а го спроведува Центарот за развој на скопскиот плански регион.
„Ова не е единствена инвестиција на Владата во подобрување на енергетската ефикасност во образованието. Министерството за образование и наука потпиша договор за неповратен грант од 1,1 милион евра со Банката за развој на Советот на Европа, со кој, во 50тина училишта во Македонија ќе бидат инсталирани фотоволтаични системи“, рече Јаневска.
Информираше дека училиштата се веќе мапирани и обезбедена е потребната документација, како и согласности од ЕВН за поставување на системите со кои, како што рече, училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија.
„Унапредувањето на енергетската ефикасност на училишните објекти треба да биде заеднички приоритет на централната и локалните власти. Важно е затоа што значи придонес кон заштита на животната средина што е глобален предизвик во чие надминување сите имаме одговорност да учествуваме. Исто така, значи и заштеди на буџетски средства кои можат да се искористат понатаму за други цели и подобрување на други општествени аспекти“, рече Јаневска, додавајќи дека таканаречените зелени инвестиции во минатото недостасувале во општеството и тоа повеќе не смее да биде така.