Во касарната „Илинден“ во Скопје, во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерство за одбрана беше одбележан Денот на Генералштабот на Армијата.
Денешното одбележување, кое помина во знакот на солидарност и сочувство започна со минута молк со кое се изрази длабока почит кон жртвите на пожарот во Кочани.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање одаде признание на припадниците од Армијата за ангажманот во справување со последиците од трагичниот настан во Кочани. Генералот Лафчиски истакна дека Генералштабот е носечки столб на Армијата воден од принципите на дисциплина, професионалност и посветеност.
„Во изминатиот период посебен акцент дадовме на процесите кои се важни за исполнување на националните обврски и обврските коишто произлегуваат од нашето членство во НАТО со што создадовме предуслови за успешно заокружување на процесот на трансформација, модернизација и опремување“, рече Лафчиски.
Мисајловски во своето обраќање се осврна на трагедијата во Кочани и се заблагодари на припадниците на Армијата кои беа вклучени за помош и поддршка на институциите и граѓаните и истакна дека како граѓани на оваа држава, борејќи се со чувствата на тага и жал го живееме еден од најтешките периоди од нашата независност.
„Благодарност до сите армиски припадници кои во овие исклучително тешки услови, обременети од сопствената човечка емпатија се надминаа себе си и во ова траорно време на најпрофесионален начин се вклучија во поддршка на институциите“ рече Мисајловски и додаде дека Министерството и Генералштабот продолжуваат посветено да работат на развој и модернизација на Армијата кои ќе придонесат за градење на отпорноста во нашето општество, во регионот и пошироко.
Датумот 28 март има особено значење за Армијата, бидејќи токму на овој ден беше преземен Генералштабот, кој со отпочнување на своите функции одигра клучно значење во формирањето на Армијата, настан кој се случи пред 33 години, ден откако беше преземена контролата над државната територија и заминувањето на последниот војник на ЈНА. Денешниот настан претставува второ официјално одбележување од донесувањето на одлуката на претседателот на државата за определување денови на командите и единиците на Армијата.