Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој се забрзува стекнувањето руско државјанство за странците кои ќе потпишат договори од најмалку една година за служење во војската или во „воените формации“, јавува Радио Слободна Европа.
Понудата за странци се проширува и на членовите на потесното семејство на оние кои волонтираат.
Овој потег доаѓа додека Русија се обидува да ги надополни единиците кои се борат во Украина, каде што се проценува дека повеќе од 300.000 Руси биле убиени или ранети од февруари 2022 година.
Путин, исто така, потпиша посебен декрет на 4-ти јануари за поедноставување на процедурите за добивање државјанство за украинските граѓани кои се родени и постојано претстојуваат на Крим, пред 2014, годината кога Русија насилно го анектираше украинскиот полуостров.