Јапонец кој неправедно бил осуден за четирикратно убиство и поминал 46 години чекајќи егзекуција, ќе добие отштета од 1,4 милиони долари (1.297.219 евра), потврди судски службеник.
Ова значи дека Ивао Хакамада ќе добие околу 83 долари (77 евра) за секој ден што го поминал во затвор.
Хакамада бил осуден на смрт во 1968 година за убиство на својот шеф, неговата сопруга и нивните две деца во 1966 година. Поранешниот боксер, кој денес има 89 години, конечно беше ослободен во 2024 година, откако неговата сестра и други активисти со децении воделе кампања за негово ослободување, пишува "Guardian".
Судот потврди дека бил невин, доказите биле манипулирани
Окружниот суд во Шизуока во одлуката донесена во понеделник пресуди дека Хакамада има право на компензација.
Истото судско тело во септември, при повтореното судење, пресуди дека тој не е виновен, а истрагата утврди дека полицијата манипулирала со доказите, пренесува "Index.hr".
„Бил подложен на нехумани испрашувања“
Судот исто така наведе дека Хакамада бил подложен на нехумани испрашувања со цел да се изнуди признание, кое подоцна го повлекол.
Локалните медиуми истакнуваат дека ова е најголемата исплатена отштета од ваков вид во Јапонија.
Сепак, неговиот правен тим тврди дека никаков паричен надомест не може да ја компензира штетата што ја претрпел.
Годините поминати во затвор, под постојана закана од егзекуција, сериозно го нарушиле менталното здравје на Хакамада. Неговите адвокати велат дека тој денес „живее во свет на фантазија“.
Петти случај на повторно судење со ослободителна пресуда
Хакамада е петтиот осуденик на смртна казна во поствоената историја на Јапонија кому му било одобрено повторно судење.
Сите четири претходни случаи завршиле со ослободителна пресуда.