Костовски: Дали УЈП го игнорирала законот и овозможила нелегално работење на клубот „Пулс“

Макфакс

26/03/2025

13:53

555

Големина на фонт

а а а

Продолжуваат да излегуваат нови загрижувачки детали за институционалните пропусти, кои можеби довеле до најстрашната трагедија во поновата историја на Македонија, во која животот го загубија 59 млади луѓе, истакна на прес-конференција Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.

Како што рече, објектот познат како дискотека „Пулс“ во Кочани, каде што се случи трагедијата, работел нелегално, тоа веќе е документирано и потврдено. Тоа за Костовски е дел од активната истрага, која треба да даде одговори, но и да утврди одговорност кај институциите, чии пропусти се сѐ поочигледни.

„Денес, отвораме нов и мошне сериозен аспект од оваа трагедија – улогата на Управата за јавни приходи.

Според податоците објавени во бизнис-мрежата, фирмата ‘ММММ кафе’, чиј сопственик бил и на дискотеката ‘Пулс’, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Евидентираната блокада, која сѐ уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година.

И тука се поставува суштинското прашање:

Дали Управата за јавни приходи требало да го затвори клубот уште во септември 2024 година“.

Според член 117 од Законот за стечајот, како што наведе Костовски, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот.

„Ако блокадада била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требало да постапи, а клубот ‘Пулс’ требало да биде затворен.

Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи се загубени“.

Ова, оценува тој, не се технички грешки. Ова, според него, се системски прашања.

„Затоа, денес, СДСМ поставува неколку директни, но неопходни прашања до истражителите, до МВР, до Јавното обвинителство:

Дали е точно дека Управата за јавни приходи не постапила по своја законска обврска во согласност со член 117? Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некој ја стопирал постапката? И ако е така – зошто? Со каква цел? Дали ова е уште еден случај на неажурност или станува збор за заштита на нередовности и политички врски?“

Како што истакна, трагедијата во Кочани не е последица на една грешка, туку на синџир од институционални пропусти.

Оцени дека секој пропуст мора да биде идентификуван, секој виновник мора да биде повикан на одговорност, а државата мора да покаже дека законот важи за сите и дека никој смее да биде над него.