Иако фудбалската јавност утрово има различни гледања на синоќешното реми меѓу Македонија и Велс, подеднаква поделеност постои и кај велшката публика, како и кај македонската.
И на двете страни, постојат оние што сметаат дека испуштена е победа, но Велшаните не кријат дека ги посакуваа трите бода, наспроти притаените аспирации на македонските навивачи.
– Знаеме како е во меѓународниот фудбал, понекогаш имаш лимитиран број на шанси. Мислам дека требаше да освоиме три бода,- рече Крег Белами на конференцијата за медиуми во Скопје.
Тој алудираше на пропуштената шанса на Бренар Џонсон кога Висар Муслиу ја расчисти ситуацијата.
Поранешниот репрезентативец Ешли Вилијамс покажа со прст на Џо Ален како виновник за примениот гол во првата минута од судиското надополнување.
Џо Ален беше уфрлен подоцна за да им помогне на соиграчите, кои според извештаите на нивните медиуми „доминирале во посед на топката, грабење територија и создавање шанси“. Сепак, додавањето на Ален до Џо Роден беше пресечено од Миовски, кој тоа го казни со водство на Македонија.
– Знам дека луѓето ќе речат дека тоа е грешка на Џо Ален, но јас му кажав да игра така. Јас го барав тоа. Погледнете ја неговата реакција, тој беше во состојба да згазне на топката и да не се крие. Младите играчи кои ги имаме, а ги имаме повеќемина, гледаат каков несекојдневен фудбалер е тоа. Среќен сум за него (што тој и соиграчите изедначија – з.а.), затоа што тој ми има помогнато многу. Се надевам дека еден ден ќе му изградат статуа,- рече Белами како одговор на новинарското прашање за играчот од средина на теренот, кој го носи клупскиот дрес на Свонси, Џо Ален.