Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија е задоволна од конструктивниот и ефикасен дијалог со Соединетите Американски Држави и дека контактите со американската страна се многу интензивни и продуктивни.
Песков потврди дека е на сила наредбата на претседателот на Русија Владимир Путин за мораториум на нападите врз украинскиот енергетски систем, пренесе Риа Новости.
Откако на 18 март беше постигнат договор со американскиот претседател Доналд Трамп дека конфликтните страни ќе се воздржат од напад на енергетски објекти, Путин и даде „соодветна наредба на руската армија“.
Иако Украина не одговори целосно на тој повик, Русија продолжи да го применува мораториумот, додека украинските сили продолжија да ги напаѓаат објектите во Русија, рече Песков.
Тој го истакна и значењето на Арктикот за Русија, наведувајќи дека Северниот морски пат е функционален и дека рударското богатство на регионот веќе се користи.
Тој нагласи дека меѓународната соработка на Арктикот е итна потреба, но и додаде дека Русија ќе продолжи да ги користи ресурсите на регионот во свој интерес.
Тој ја коментираше и 25-годишнината од првиот избор на Владимир Путин за претседател на Русија, нагласувајќи дека Русија за тоа време поминала долг пат, „од опстанок, економски и политички колапс, до развој и зголемена благосостојба“, пренесува Танјуг.
Тој додаде дека Русија сега стана стабилна земја, со развиен економски сектор и посилен територијален интегритет.