Таравари не кажува дали бара 40 отсто кандидати за градоначалници, но тврди дека состојбата во коалицијата ВЛЕН е релативно стабилна

Макфакс

26/03/2025

12:25

486

Големина на фонт

а а а

Арбен Таравари, министер за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН тврди дека состојбата и во коалицијата ВЛЕН, но и во владината коалиција е добра. Тој не кажа дали бара 40 отсто од кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори да бидат од Алијанса за Албанците по објавите во медиумите дека ќе ја напушти коалицијата ВЛЕН, која пак е дел од владината коалиција, доколку не го добие тој процент кандидати.

„Меѓукоалициски разговори се политички теми, денес сум повеќе фокусиран на темата здравство. Во коалицијата ВЛЕН состојбата е релативно стабилна и во владината коалиција се е во ред досега“, кусо одговори Таравари на новинарско прашање за неговото можно напуштање на коалицијата утрово на прес-конференцијата за состојбата на повредните во пожарот во Кочани.

Некои од медиумите неделава известуваат за несогласувања во коалицијата ВЛЕН и можна оставка на Таравари по барањето за кандидати за градоначалници. Коалицијата ВЛЕН покрај Алијанса за Албанците на Таравари која последна се приклучи, ја формираа Движење Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и Демократско движење на Изет Меџити.