Луиџи Манџионе, 26-годишникот обвинет за убиство на извршниот директор на „UnitedHealthcare“, Брајан Томпсон, кој оттогаш ја доби титулата најпопуларен затвореник во светот, преку своите адвокати побарал од судот дозвола да користи лаптоп додека го чека почетокот на судењето во притвор, пренесе „Unilad“.
Зошто му треба лаптоп?
Според поднесокот објавен на 24 март, одбраната на Манџионе тврди дека „лаптопот е неопходен за тој да може да прегледа преку 15.000 страници документи, илјадници часови видео и други клучни материјали поврзани со претстојното судење“. Неговите адвокати нагласуваат дека уредот нема да има пристап до интернет, филмови или каква било форма на забава, туку ќе се користи исклучиво за правна подготовка.
Иако во минатото слични барања биле одобрени за обвинетите во федерален притвор, обвинителите од Окружното обвинителство на Менхетен наводно се „противат“ на ова барање. Според одбраната, причината за тоа е наводната загриженост за претходно пријавени закани кон сведоците, иако адвокатката Карен Фридман Агнифило истакнала: „Нема никаква врска помеѓу г. Манџионе и некоја од наводните закани“.
Во случај неговиот лаптопот да не биде одобрен, Манџионе сепак ќе може да ги прегледа материјалите – но само за време на ограничени состаноци со неговите адвокати. Неговата одбрана тврди дека тоа не е доволно време за темелна подготовка, со оглед на количината на материјалот.
11 кривични дела
Манџионе се наоѓа во притворскиот центар Метрополитен во Бруклин, соочен со вкупно 11 кривични дела од државата Њујорк, вклучително и убиство со елементи на тероризам. Покрај тоа, тој се соочува со државно судење за кривично дело во Пенсилванија, како и голем број федерални обвиненија, вклучувајќи следење и убиство. Во федералниот случај, доколку биде осуден, му се заканува смртна казна.
Досега, тој се изјаснил за невин по обвиненијата во Њујорк, додека сè уште не се изјаснил за федералните обвиненија и оние од Пенсилванија.
Обвиненијата се однесуваат на инцидент во декември 2024 година, кога Брајан Томпсон, таткото на две деца, беше смртно застрелан повеќе пати пред хотел во Менхетен. Инаку Манџионе дипломирал на Универзитетот во Пенсилванија, а јавноста е поделена околу неговиот случај, делумно поради зголемените критики на американскиот здравствен систем и корпоративните структури кои го водат.