Арда Гулер го користи секој репрезентативен собир за да ужива во најголема можна мера, а така беше и овој месец во кој посебно дојде до израз на натпреварот против Унгарија.
Во двомечот за опстанок во А дивизијата во Лигата на нации, Турција се покажа како далеку поквалитетна селекција од Унгарија, па успеа да оствари победа од 0:3 и на гостувањето во Будимпешта.
Младата ѕвезда на Реал го постигна вториот гол на ова гостување и ја прекина сушата која траеше од стартот на месец јануари, момент кој беше искористен од угледната „Марка“ за да стапи во контакт со талентираниот играч за врска.
Иако поседува огромен потенцијал, Арда се уште не успеа да се наметне во Реал како важен играч во ростерот на Карло Анчелоти, а бидејќи тоа се случува втора сезона по ред, се појавија и шпекулации за негово заминување.
До овој момент, Гулер уверува дека во ниту еден момент не му поминала една таква мисла низ глава, од едноставна причина што и натаму верува во планот кој му го доставил Реал при комплетирање на трансферот.
– Реал ми достави план за иднината и јас се уште верувам во тој план. Сигурен сум дека ќе триумфирам во Реал, веќе си купив и куќа во Мадрид за постојан престој. Работам многу напорно и секогаш сум подготвен за игра, тоа се докажа и на последниот меч кој го одиграв со Унгарија.
– Ги сакам навивачите на Реал и тие ми се огромна поддршка, навистина сум им многу благодарен. Дојдов во Реал поради две причини, да играм и да бидам важен дел од тимот. Нема да престанам да се борам се додека не го остварам тоа, – порачува Арда во интервјуто за „Марка“.