Трамп денеска го потпишува законот за укинување на Министерството за образование

Точка

20/03/2025

08:00

834

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп планира денеска да потпише извршна наредба со која ќе нареди затворање на Министерството за образование на САД, изјави претставник на Белата куќа. Овој чекор претставува исполнување на неговото предизборно ветување за елиминирање на оваа институција, која долго време беше мета на конзервативците.

Трамп често го нарекуваше Министерството за образование расипничко и под влијание на либералната идеологија. Сепак, евентуалната елиминација на Министерството е веројатно невозможна без акција на Конгресот, бидејќи одделот е основан во 1979 година со акт на Конгресот.

Според Белата куќа, наредбата ќе ја упати секретарката Линди Мекмахон да ги преземе сите неопходни чекори за да овозможи затворање на Министерството за образование и враќање на образовните овластувања на државите, а истовремено да продолжи да обезбедува ефикасна и непречена испорака на услуги, програми и придобивки од кои зависат Американците.

Администрацијата на Трамп веќе спроведува намалување на персоналот во министерството, додека финансирањето на Канцеларијата за човекови права и Институтот за образовни науки, кои собираат податоци за академскиот напредок на земјата, е драстично намалено, пишува АП.

Бројни образовни службеници и родители предупредија дека укинувањето на Министерството за образование ќе доведе до запоставување на децата во американскиот образовен систем кој и онака е суштински нееднаков. „Ова не е решение за образованието. Тоа е осигурување дека милиони деца никогаш нема да добијат фер шанса. И ние нема да се согласиме на тоа без борба“, рече Националното здружение на родители.

Белата куќа сè уште нема јасно наведено кои функции на министерството би можеле да бидат префрлени на други институции или целосно елиминирани. На нејзиното сослушување за потврдување, Мекмахон рече дека ќе ги зачува клучните иницијативи, вклучително и финансирање за училишта со ниски приходи и грантови за студенти со ниски приходи.

Целта на администрацијата, според неа, би било „подобро функционално Министерство за образование“. Одделот секоја година испраќа милијарди долари до училиштата и управува со федерална студентска помош од 1,6 трилиони долари.