Доказите се јасни - утврдени сериозни прекршувања: Три од 12 дискотеки со важечка лиценца не ги исполнуваат условите за работа

Макфакс

19/03/2025

15:14

2.116

Големина на фонт

а а а

Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека 3 од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите 9 ве информирам дека сѐ уште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации, изјави на денешната прес-конфереција, портпаролката на Влада Марија Митева.

„Во однос на ваквата состојба, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно закон ќе бидат преземени. На терен во секој момент овие денови се над 10 тима кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Ќе се проверат сите, до детал. Сакам да ја информирам и јавноста дека е направен и план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото“, додаде Митева.


Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија, посочи Митева и истакна дека тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција.

„Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Сакам да истакнам дека ја разбираме фрустрацијата. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, заврши Митева.