Путин во рекорден рок го прекрши договорот со Трамп за ограничено примирје, објавија Украинците

Макфакс

19/03/2025

07:52

2.330

Големина на фонт

а а а

Русија и Украина рано утринава се обвинија меѓусебно за воздушни напади кои предизвикаа пожари и оштетена инфраструктура само неколку часа откако претседателот Владимир Путин се согласи на ограничен прекин на огнот во руската војна против Украина.

Путин и американскиот претседател Доналд Трамп вчера се договорија за ограничен 30-дневен прекин на огнот против цели на украинската енергетска инфраструктура, додека преговорите за поширок мировен план ќе започнат „веднаш“, соопшти Белата куќа.

Путин и наредил на руската војска да престане да ги напаѓа енергетските капацитети, објави Кремљ по долгиот телефонски разговор меѓу двајцата лидери. Но, Путин не го прифати поширокиот предлог на САД за 30-дневен прекин на огнот што Трамп го сметаше за прв чекор кон постојан мировен договор.

Украинскиот претседател Зеленски, кој се согласи на целосен 30-дневен прекин на огнот, по телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп рече дека ќе поддржи ограничен прекин на огнот, но го повика светот да ги блокира сите обиди на Москва да ја продолжи војната.

Неколку часа подоцна, двете страни пријавија напади на нивна територија. „Русија напаѓа цивилна инфраструктура и луѓе во овој момент“, изјави Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, во текот на ноќта на комуникациската платформа „Телеграм“.

Неколку украински извори објавија дека набргу по разговорите Трамп-Путин, Русија ја нападнала енергетската инфраструктура во градот Славјанск, која останала без струја.

Регионалните власти во регионот Суми во североисточна Украина соопштија дека руските напади со беспилотни летала оштетиле две болници, без да предизвикаат повреди, но принудувајќи ги пациентите и болничкиот персонал да бидат евакуирани.

Еден 60-годишен маж е повреден, а неколку куќи се оштетени во напад на руско беспилотно летало во областа околу украинскиот главен град Киев, изјави рано во средата регионалниот гувернер Микола Калашник.

Зеленски рече дека Русија лансирала повеќе од 40 дронови врз Украина неколку часа по разговорот меѓу Трамп и Путин.

Властите во областа Краснодар во јужна Русија рано утринава соопштија дека украинско беспилотно летало предизвикало мал пожар во складиште за нафта во близина на селото Кавказскаја. Во пожарот кој се прошири на 20 метри квадратни нема повредени, но 30 вработени се евакуирани, објавија регионалните власти на Телеграм.

„Работата во фабриката е прекината“, додадоа властите. Рускиот канал SHOT на Телеграм објави видео од пожар во текот на ноќта во нешто што изгледаше како индустриска област.

Каналот рече дека станува збор за важен објект наменет за транспорт на руска нафта. Ројтерс не може независно да го потврди извештајот на каналот.

Руската агенција за цивилно воздухопловство Росавијација соопшти дека ги суспендира летовите од аеродромите во Казан, Нижни Новгород и Нижнекамск, кои се на стотици километри источно од Москва, за „да се обезбеди сигурност на воздушниот сообраќај“.

Агенцијата не ја наведе причината за суспензијата, но вообичаено ги суспендира летовите кога има извештаи за напади со беспилотни летала.