Осуммина пациенти од КАРИЛ денес заминуваат на лекување во странство, Мерџаноски вели дека не се во тешка состојба, но има влошување

Макфакс

18/03/2025

12:13

550

Големина на фонт

а а а

Лекарите утрово известија дека состојбата на пациентите повредени во пожарот во Кочани сместени во нивните клиники е под контрола, но поради природата на повредите, особено труењето со штетни гасови, можни се компликации во наредните денови. Кај пациенти сместени на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) забележале знаци на влошување и за нив денес се планира трансфер во странство.

„Сите ни се стабилни, има пациенти со знаци на влошуваат, но не се во тешка состојба. Ги планираме за транспорт. Денес продолжуваме со транспортирање уште осуммина пациенти. Ќе заминат во Словенија, Полска, Австрија, Италија и во Хрватска“, рече директорот на Клиниката за трауматологија, Игор Мерџаноски.

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски, утрово извести дека на нашите клиники се лекуваат 89 пациенти, а 76 се транспортирани во странство, и најави дека преместувањето на повредените во странски клинички центри ќе продолжи.

„Планираме препраќање на уште неколкумина пациенти. Во преговори сме со Виена, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и со Словенија. За краток период ќе знаеме уште колку пациенти ќе може да бидат префрлени на лекување во овие земји“, рече заменик-министерот Андоновски.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека иако на лекување во странство досега се испратени 76 пациенти, има доволно резервни капацитети за упатување во странство, со тоа што следните трансфери може да бидат во малку подалечни земји оти капацитетите на соседните се веќе исполнети.