Да не се шират дезинформации во врска со бројот на загинатите, бидејќи дополнително се зголемува вознемиреноста во јавноста, порачуваат од Владата

Макфакс

18/03/2025

11:19

462

Големина на фонт

а а а

Во врска со трагедијата во Кочани, Владата изразува најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените.

„Ова се моменти на тага и солидарност, кога сите мора да покажеме одговорност и почит кон жртвите.

Во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите. Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите.

Бројките ги утврдуваат официјалните медицински и истражни служби кои работат на терен. Владата инсистира на целосна транспарентност и јавноста ќе биде редовно информирана за сите нови детали поврзани со истрагата“.

Апелираат до медиумите и граѓаните да не наседнуваат на непроверени информации и да не шират шпекулации.

Ова, потенцираат од Владата не е време за манипулации, туку за заедништво, почит и одговорност.

Владата, напоменуваат од таму, останува посветена на расчистување на сите аспекти од оваа трагедија и преземање на сите неопходни мерки за да обезбеди правда и поддршка за семејствата на жртвите.