Првиот човек во светот кому титаниумско срце му го спаси животот

Точка

17/03/2025

15:46

1.353

Големина на фонт

а а а

На почетокот на февруари, четириесетгодишен Австралиец стана првата личност во светот што ја напушти болницата со практично неуништливо метално срце.

Во неговите гради работеше титаниумска пумпа со големина на дланка, која 105 дена ја пумпаше крвта низ неговото тело, овозможувајќи му да продолжи да го живее својот секојдневен живот.

На почетокот на март, кога стана достапно донорско човечко срце, титаниумското срце беше заменето. Докторите велат дека без оваа првична интервенција, неговото природно срце ќе откажело пред да се појави соодветен донатор, пренесува "Science Alert".

Со своето природно срце, пациентот можел да изоди само 10 до 15 метри без да остане без здив.

Сега е подготвен да прави работи што не можел со години, вели д-р Крис Хејворд, шеф на тимот за трансплантација на срце во болницата Сент Винсент во Сиднеј, каде што е извршена оваа револуционерна процедура.

Историски медицински пробив

Главниот хирург, Пол Јанс, изјави дека ова откритие целосно ги менува правилата на игра.

Ова радикално и револуционерно достигнување се развивало речиси 25 години.

Минатата година, првиот човечки имплант на титаниумско срце, создаден од компанијата за медицински уреди "BiVACOR", го одржа во живот 58-годишен маж во САД осум дена, додека не стана достапно донорско срце.

Ова беше првиот ваков имплант надвор од САД и шестиот случај воопшто, што ни дава возбудлив увид во долгорочниот потенцијал на ова откритие.

• BiVACOR Total Artificial Heart претставува нова ера во трансплантацијата на срце, не само во Австралија, туку и на глобално ниво, вели Хејворд.

• Во наредната деценија, ќе видиме како вештачките срца стануваат алтернатива за пациенти кои не можат да чекаат донорско срце или кога такво срце едноставно не е достапно.

Мисија што започна од семејна трагедија

Австралискиот биомедицински инженер Даниел Тимс работи на развојот на механичко срце од 2001 година, кога срцев удар тешко го оштетил срцето на неговиот татко.

Како син на водоинсталатер, Тимс почнал да поврзува цевки и вентили за да го имитира човечкиот циркулаторен систем.

Гледајќи како неговото откритие спасува живот во Австралија, по бројни промени во дизајнот и тестирања врз животни, за Тимс ова е исполнување на неговата долгогодишна мисија.

• Можноста да ја поведам Австралија на ова патување и да бидам дел од првите клинички испитувања е неверојатно значајно за мене, вели Тимс.

• Целиот тим на "BiVACOR" е длабоко благодарен на пациентот и неговото семејство за укажаната доверба во нашиот изум – "Total Artificial Heart".

• Нивната храброст ќе го отвори патот за безброј пациенти да ја добијат оваа животоспасувачка технологија.

Титаниумското срце – срце што не се троши

Никој не знае колку долго "BiVACOR Total Artificial Heart" може да опстои во човечкото тело, но во лабораториски услови работи непрекинато четири години.

Некои постоечки вештачки срца можат да траат со години, додека пациентите чекаат трансплантација.

Но, за разлика од нив, тимот на 'BiVACOR" дизајнирал титаниумско срце што е практично неуништливо.

За да биде отпорен на абење и корозија, металниот орган содржи само еден подвижен дел – ротор што магнетно левитира и се врти меѓу две комори без да допира цврста површина.

Ова значи дека триењето не може да предизвика оштетувања со текот на времето.

Единствено надворешната батерија, која излегува низ стомакот, треба периодично да се менува.


Погодно и за жени и деца

Уште една предност на титаниумското срце е неговата големина.

За разлика од другите вештачки срца, кои се направени од мембрани и вентили, "BiVACOR' срцето тежи 650 грама, компактно е и може да се имплантира во градите на жена или дури на 12-годишно дете.

И покрај својата компактност, истражувачите велат дека може да поддржи возрасен маж дури и при физичка активност.

Иднината на вештачките срца

Секоја година, ширум светот се извршуваат околу 6.000 трансплантации на срце, а сепак, донорското срце останува единствениот начин за спасување на милиони пациенти со тешки срцеви заболувања.

Во последните две децении, Американската агенција за храна и лекови (FDA) одобрила само едно комерцијално вештачко срце, кое служи како привремено решение за пациентите додека не се најде донатор.

"BiVACOR" сè уште не е достапен за широка употреба, но ако продолжи со успешни клинички испитувања, само е прашање на време кога оваа технологија ќе стане реалност за пациентите ширум светот.