Шефицата за надворешна политика на ЕУ: На Украина и се потребни 20-40 милијарди евра помош

Макфакс

17/03/2025

09:00

335

Големина на фонт

а а а

Министрите за надворешни работи на ЕУ треба да разговараат за нова иницијатива која би можела да обезбеди милијарди евра дополнителна воена помош за Украина на денешниот состанок. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас предложи на Украина да и се обезбеди помош вредна меѓу 20 и 40 милијарди евра, јави ДПА.

Земјите-членки на ЕУ би придонеле за оваа сума врз основа на нивната економска сила. Со цел да се спречи можното вето од страна на поединечни влади, учеството во иницијативата би било доброволно, се наведува во текстот до кој пристап имала германската новинска агенција dpa.

Унгарија во минатото одбиваше да ја поддржи воената помош на ЕУ за Украина, нарекувајќи ја бесмислена и велејќи дека ја продолжува војната. Министрите за надворешни работи не се очекува да постигнат договор за иницијативата, велат дипломатите, сугерирајќи дека ќе бидат потребни дополнителни разговори меѓу водачите на земјите. Тие треба да се сретнат за три дена на самит.

За некои земји, како Германија, поддршката предложена од Калас не би била проблем. Берлин веќе одобри помош од вкупно 4 милијарди евра за оваа година, а наскоро ќе бидат додадени уште 3 милијарди евра. Меѓутоа, другите големи земји како Франција, Италија и Шпанија би морале значително да ја зголемат поддршката за Украина доколку сакаат да дадат придонес пропорционален на нивната економска сила.