Русија го објави главниот услов за мировните преговори: „Ќе бараме челични гаранции“

Макфакс

17/03/2025

08:14

1.582

Големина на фонт

а а а

Рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко во изјава за рускиот медиум „Известија“ кажа дека Русија во мировните преговори ќе бара гаранции од земјите на НАТО дека нема да ја прифати Украина во својот сојуз, односно дека Украина мора да остане неутрална.

„Ќе бараме челичните безбедносни гаранции да станат дел од овој договор. Една од овие гаранции е неутралниот статус на Украина, односно одбивањето на земјите од НАТО да ја примат Украина во алијансата“, рече Грушко.

Заменик-шефот на руската дипломатија го повтори ставот на Кремљ дека се противи дури и на пристигнувањето војници од земјите-членки на НАТО во Украина како дел од меѓународните мировни сили, откако Франција и Велика Британија изразија подготвеност да испратат свои војници во мировна мисија која ќе го надгледува прекинот на огнот.

„Не е важно под која ознака силите на НАТО пристигнуваат во Украина: било да е тоа Европската унија, НАТО или националниот капацитет. Доколку се појават таму, тоа ќе значи дека тие се распоредени во зоната на конфликтот со сите последици за тие контингенти како страни во конфликтот“, рече Грушко, додавајќи:

„Можеме да зборуваме само за распоредување невооружени набљудувачи, цивилна мисија која ќе го надгледува спроведувањето на одредени аспекти од договорот или механизмите за гаранција откако ќе се постигне договор. Дотогаш, сето тоа е само воздух“, рече тој.