Дискотеката „Пулс“ во Кочани имала лиценца за работа до 24-ти март

Точка

16/03/2025

12:15

1.390

Големина на фонт

а а а

Обвинителски тим е на терен, Владата е мобилизирана во целост, а во текот на денот премиерот ќе и се обрати на јавноста. Од Институтот за за трансфузиона медицина велат дека имаат доволни количини крв.

До 24 март важела лиценцата за работа на приватната дискотека во Кочани, каде што рано утрото пиротехнички средства - прскалки, предизвикале пожар. Искрите од овие средства го зафатиле таванот, кој бил изработен од лесно запалив материјал, а пожарот резултирал со трагична смрт на 51 младо лице и повреди на уште 100 лица.


Според изворите од истрагата, во дискотеката „Пулс“ во Кочани се менувале сопствениците, но актуелниот сопственик, кој е приведен, бил присутен во сопственичката структура од почетокот. На терен веќе се спроведуваат истражни дејства за утврдување на околностите кои довеле до трагедијата.

Обвинителството извести дека Јавниот обвинител формирал тим кој ќе раководи со истрагата во Кочани, составен од пет обвинители од Кочани, Штип и Скопје. Тие веќе работат заедно со надлежните служби на терен.


Црн ден за Македонија

„Ова е еден од најтешките денови за Македонија!“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше на местото на трагедијата од раните утрински часови.

„Загубата на толку многу млади животи е непоправлива, а болката за семејствата, најблиските и пријателите е незамислива. Во овие моменти на голема тага, нашите мисли се со оние што ги изгубиле своите сакани. Им посакувам брзо закрепнување на повредените, а на семејствата на загинатите им посакувам сила да го издржат ова неподносливо губење. Народот и Владата ќе стојат на располагање за да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие тешки моменти“, рече премиерот.

Мицкоски ги повика сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.

„Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија“, додаде тој, најавувајќи дека ќе објави повеќе информации по согледување на околностите од надлежните институции.


Како што изјави министерот Тошковски, во трагедијата загинале 51 лице, а повредени се повеќе од 100. Неколку лица се приведени во врска со случајот, а МВР презема сите мерки за истражување на причините за пожарот.

„Секој кој е одговорен ќе сноси последици“, рече Тошковски.

Тој исто така истакна дека некои од починатите се во различни болници и ќе биде извршена обдукција за нивна идентификација.

Има доволно крв

Пред болниците во Скопје, каде што се примени повредените, роднини чекаат информации за своите најблиски. Многу граѓани понудиле помош во дарување крв, но од Институтот за трансфузиона медицина информираа дека имаат доволно крв и крвни компоненти од сите крвни групи.


„Благодарение на поддршката од нашите хумани крводарители, институцијата успешно ги задоволува потребите на пациентите. Во овој момент нема потреба од вонредно дарување крв! Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите во оваа трагедија. Продолжуваме да бидеме тука за сите потреби и да го дадеме својот придонес во обезбедувањето медицинска помош за оние што имаат потреба“, се вели во соопштението од Институтот.