Мицкоски за големиот протест во Србија: Ја следиме состојбата и не се мешаме во внатрешни работи на други земји

Макфакс

15/03/2025

17:37

616

Големина на фонт

а а а

Нормално е да ја следиме состојбата во Србија. Неодговорно би било да не ја следиме состојбата со нашите соседи и врз основа на тоа сме подготвени за предизвиците. Доколку постојат такви имаме разработено сценарија, но не очекувам прелевање кај нас. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за случувањата во соседна Србија, каде денеска се одржува голем студентски протест, но и како ја оценува безбедноста состојба во нашата држава, односно дали случувањата во Србија можат да се рефлектираат и кај нас.

На прашањето дали е запознаен со информациите од тамошните медиуми дека структури од соседни земји на Србија, спомнувајќи ја и нашата држава, учествуваат во некакви сценарија за рушење на тамошната власт, премиерот рече дека политиката на власта е јасна, и додаде дека „не сакаме да ни се мешаат во нашите внатрешни работи, а ниту, пак, ние ќе се мешаме во внатрешните работи на која било друга земја“.

„Нашата домашна задача е наша домашна задача, а домашната задача на другите земји си е нивна домашна задача. Доколку некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме во рамкитена законите и Уставот на Македонија да овозможиме такво нешто. Доколку не, повторно ние ќе си ја гледаме нашата задача, затоа што имаме работи што треба дома да си ги решаваме. Немаме амбиција да бидеме дел од внатрешните работи на која било земја во светот“, рече Мицкоски.