Тор беше младо, мирно и сакано куче, чиј живот е одземен намерно, на брутален начин. Ова куче беше осакатено со удари од тврд предмет по глава, тепан крвнички без причина и оставен да страда со страотни болки и повреди. И покрај сите напори на сопственикот и ветеринарите, животот на Тор не беше спасен и тој почина од скршен череп, велат од Анима мунди.
„Сопственикот на кучето поднел пријава до СВР Свети Николе, посочувајќи осомничено лице кое претходно се заканувало, но пријавата не беше земена со доволна сериозност, а до денешен ден не е извршен распит со посоченото лице. Прашуваме, кому и зошто да пријавуваме ако институциите кои треба да го штитат правото на живот ги игнорираат ваквите случаи на насилство врз животни?
Насилството врз животните е сериозен проблем и бара поголема одговорност од страна на институциите. Потребно е да се обезбеди правда и да се спречат слични инциденти во иднина. Сопственикот на Тор бара одговорност и темелна истрага, и тој во ова барање не е сам, но останува прашањето зошто одговорните институции не постапуваат со доволна сериозност и брзина.
Секое насилство, без разлика дали е насочено кон луѓето или животните, мора да се третира со највисока сериозност и да биде препознаето и санкционирано согласно со закон. Ваквата суровост не произлегува од стабилна и социјално подобна личност, туку од социопатски и садистички поединци, непресметани, опасни по сите. Потребно е целосно внимание на оваа проблематика од страна на институциите, како и превенција, истраги и најстроги казни за тие што се одговорни. Потребно е итна промена на Кривичниот закон и зголемување на казните за мачење и убиство на животните. Правда за Тор и никогаш, никаде, ниту едно друго животно да не ја доживее неговата судбина“, се вели во реакцијата.