Рокас: Одржливиот туризам значително го зголемува потенцијалот за развој на земјата

Точка

14/03/2025

11:58

246

Големина на фонт

а а а

Општините во земјата добиваат голема поддршка на повеќе полиња од Европската Унија, а со евроинтеграцијата, ќе се отворат и многу нови можности за Северна Македонија. Овие, како и голем број други теми, беа дискутирани во текот на посетата на Ресен на Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас. Дел од агендата беше средба со градоначалникот на општината, Јован Тозиевски, како и дискусија со општинските советници.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија го посети и основното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Царев Двор. Оваа образовна установа беше поддржана од Green Spirit Prespa, иницијатива за еколошки туризам која што е ко-финансирана од ЕУ, а ја спроведува здружението „Гоу Грин“.


- Европскиот туризам се движи кон иднина чија основа е одржливоста. Стратегијата на ЕУ, „Транзициски пат за туризам“, ги поставува темелите за позелена и поодговорна индустрија. Се промовира прилагодливост на климатските промени, циркуларен туризам и паметна мобилност. Се дава поттик бизнисите да го намалат отпадот, да ја подобрат енергетската ефикасност и да воведат дигитални решенија за да го минимизираат влијанието врз животната средина. Суштинска е соработката меѓу владите, бизнисите и локалните заедници. Така се гради туризам којшто не е само економски силен, туку и еколошки одговорен и социјално инклузивен. Во места како Преспа, но и во многу други делови од Северна Македонија, одржливиот туризам би отворил многу можности за економијата. Сето тоа, пак, значително ќе го зголеми потенцијалот за развој на целата земја - истакна Рокас.


Целта на споменатиот проект е да ја трансформира Преспа во одржлива дестинација што ќе работи цела година. Промовирање еко-практики за туризам, подобрување на локалната моќ и создавање зелени работни места за жени и млади, се дел од активностите. Покрај „Гоу Грин”, партнери во проектот се здруженијата Spirit of Prespa, „Рурални жени од Преспа” и „Националната асоцијација за дојдовен туризам”.


При посетата на Ресен и на преспанскиот регион, Амбасадорот Рокас, заедно со високи владини и општински претставници, како и Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан, учествуваше во церемонијата со која отпочнаа работите за изградба на граничниот премин „Маркова нога“. Проектот е дел од програмата „ЕУ за Преспа“, со која што во регионот ќе се спроведат инфраструктурни интервенции и ќе се поддржи локалниот туризам и земјоделство во вредност од околу 13 милиони евра.


Посетата на Ресен на Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, е дел од серијата активности преку кои тој се среќава со претставници на локалната власт, со членови на граѓански организации и иницијативи, со претприемачи, како и со лица што се дел од други сегменти на локалната заедница. Дел од овие посети се разговори за теми што најмногу ги засегаат, како и за можностите што се отвораат во текот и по завршувањето на евроинтегративниот процес. Пред Ресен, Рокас вакви посети реализира и во Битола, Тетово, Куманово и во Струмица.