Македонски Концепт: Бугарија со стопирање на Коридорот 8 ја загрозува безбедноста на НАТО во регионот

Макфакс

14/03/2025

11:21

314

Големина на фонт

а а а

Македонски Концепт изразува длабока загриженост поради одлуката на бугарската влада да го стопира проектот за железничко поврзување со Македонија, како дел од Коридорот 8. Според информациите, средствата наменети за оваа инфраструктура се пренасочени кон завршување на домашни железнички проекти.

„Овој потег претставува сериозен удар врз регионалната соработка и интеграцијата на Западен Балкан во евроатлантските структури. Коридорот 8 е од стратешко значење за поврзување на Јадранското и Црното Море, а неговата реализација е клучна за економскиот развој и стабилност на регионот. Со запирање на проектот, Бугарија директно ги поткопува овие напори и ја загрозува безбедноста на НАТО во регионот“, велат од Македонски Концепт.

Потсетуваат дека во октомври 2024 година, Македонија и Бугарија во Брисел се согласија заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8.

„Оваа одлука на бугарската влада е во спротивност со тогашните заложби и ја доведува во прашање довербата меѓу двете земји. Ги повикуваме бугарските власти да ја преиспитаат оваа одлука и да се вратат на патот на соработката и исполнување на преземените обврски. Само преку заеднички напори можеме да обезбедиме стабилност, просперитет и безбедност за целиот регион, во согласност со интересите на НАТО и Европската унија. Македонски Концепт останува посветен на промовирање на добрососедските односи и интеграцијата на нашата земја во евроатлантските структури“, додаваат оттаму.