Пристигна првата реакција на Канада за Трамп: „Нема да отстапиме, ќе бидеме немилосрдни“

Макфакс

11/03/2025

19:02

544

Големина на фонт

а а а

Премиерот на Онтарио, Даг Форд рече дека покраината нема да отстапи откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни зголемувања на царините како одговор на извозниот данок на електрична енергија од Онтарио од 25 отсто.

Во интервју за МСНБЦ, само еден час по објавата на Трамп, Форд рече: „Нема да отстапиме. Ќе бидеме немилосрдни“.

Тој потврди дека може целосно да ја прекине струјата што доаѓа од таа канадска провинција во САД.

Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“ претходно рече дека му наредил на министерот за трговија да ги удвои тарифите за канадскиот челик и алуминиум – од првичните 25 проценти на 50 проценти. Тој, исто така, се закани дека трајно ќе ја затвори канадската автомобилска индустрија доколку Онтарио не се откаже од мерките. Трамп ја повтори својата претходна намера за претворање на Канада во 51-ва американска држава.

Набргу потоа се огласи и новоизбраниот лидер на Либералната партија на Канада и иден премиер Марк Карни, осудувајќи ги најновите царини на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Најновите царини на претседателот Трамп се напад врз канадските работници, семејства и бизниси“, напиша Карни на платформата „Икс“.

Тој додаде дека неговата влада ќе се погрижи одговорот на Канада да има „максимално влијание во САД и минимално влијание во Канада“, истовремено поддржувајќи ги работниците кои се погодени.

Карни, исто така, рече дека канадските контрамерки ќе останат во сила додека САД не покажат почит и не обезбедат веродостојни, сигурни гаранции за слободна и фер трговија.

Се очекува Карни да ја преземе функцијата веднаш штом актуелниот премиер Џастин Трудо поднесе оставка. Вчера тој рече дека транзицијата ќе биде брза, но не даде точен датум.

Форд во понеделникот воведе данок од 25 отсто на извозот на електрична енергија во американските сојузни држави Мичиген, Минесота и Њујорк како одговор на трговските бариери на Трамп. Овој данок генерира до 400.000 долари приход за Онтарио дневно.

Канадската федерална влада и провинциите се едногласни во нивниот став дека нема да ги укинат своите контрамерки сè додека Трамп се заканува со нови царини.

Трамп и Форд се судрија уште во декември 2024 година, кога Форд се закани дека целосно ќе ја прекине електричната енергија на 1,5 милиони Американци во пограничните држави. Трамп тогаш на Њујоршката берза рече дека „не му е грижа“.

Форд дополнително ја засили својата реторика во понеделникот, велејќи дека „нема да се двоуми целосно да ја исклучи електричната енергија“. Сепак, таквиот потег би значел намалување на сопственото производство, бидејќи Онтарио продава значителен дел од својата енергија на други канадски провинции.