Словенија со голем број проблеми ќе пристигне во Скопје за првиот од двата квалификациски натпревари против Македонија во краток временски интервал, бидејќи после првиот меч кој се игра во среда, веќе в недела ќе игра и вторпат против нашиот национален тим во Копер.
Селекторот Урош Зорман доби многу лоши вести во последните неколку дена и остана без четворица планирани играчи за двомечот со Македонија, но во последната изјава која ја даде за словенечките новинари, предводникот на тимот посочи дека ќе очекува реакција од новоповиканите ракометари.
Словенците се свесни каков „пекол“ ќе ги очекува во салата „Борис Трајковски“ за два дена, а Урбан Лесјак како играч кој ги познава Македонците, направи најава во карактеристичен стил.
– Знаеме што не чека во Скопје, ќе бидеме сведоци на навистина луда атмосфера. Во таква атмосфера падна и големата Данска, но мислам дека можеме да победиме и да го обезбедиме првото место во квалификациската група, – гласи изјавата на Лесјак.
Голманот на Словенија беше дел од македонската Прва лига во деновите кога ги бранеше боите на Еурофарм Пелистер, па сега останува да веруваме и да се надеваме дека неговиот кам-бек во нашата престолнина нема да биде така добар како што замислил.