Американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на својот украински колега Володимир Зеленски за време на расправијата во Белата куќа дека „нема карти во рацете без Америка“.
Би-Би-Си во својата кратка анализа пишува дека реалноста сега се чини станала јасна, неколку часа откако Вашингтон ја прекина сета воена помош за Украина.
„Во еден твит, Зеленски попушти – барем кога станува збор за американскиот претседател, ако не и за Русија. Сепак, тој изрази подготвеност да размисли за делумен прекин на огнот – во воздух и во море – доколку Москва го стори истото“, пишува дописникот на Би-Би-Си за Европа, Дени Аберхард.
Зеленски предмалку на „Икс“ напиша дека е подготвен за договор предводен од САД што е можно поскоро и изрази жалење за расправијата во Овалната соба за време на состанокот со Трамп и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Тој повторно се заблагодари на Америка, конкретно спомнувајќи го Трамп, за нејзината претходна помош и рече дека е подготвен да потпише договор со САД за минерали.
„Украина издржа тригодишна сеопфатна инвазија на нејзиниот непријател Русија. Но, дејствијата на сојузниците ја оставија разоткриена нејзината слаба страна – радикалната промена во надворешната политика на САД под претседателот Трамп“, заклучува Би-Би-Си во својата анализа.