Симеоне за Алварез: Уникатен играч, исто како Луис Суарез или Давид Виља

Макфакс

02/03/2025

13:32

738

Големина на фонт

а а а

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола дефинитивно направи скапа грешка кога му дозволи на Хулијан Алварез да го напушти клубот. Аргентинецот незадоволен од статусот, најчесто беше резерва кај Гвардиола, побара да си замине од Сити. За фиксни 75 милиони евра, плус 20 милиони доколку ги оствари бонусите, Алварез се пресели во Атлетико Мадрид.

Алварез, бргу се прилагоди на се она што го бара неговиот сонародник, тренерот на „јорганџиите“, Диего Чоло Симеоне. Долгорочниот план на Чоло е популарниот „Арања (пајак)“ да ја преземе улогата на Антоан Гризман, кој има 34 години и полека се ближи кон крајот на кариерата.

„Арања“синоќа го врати Атлетико на врвот во Ла Лига со гол на дербито против Атлетик Билбао (1:0).

Симеоне го пофали настапот на својот сонародник против Билбао. Прашањето за победникот Аргентинецот го реши седум минути по влегувањето на теренот во 66. минута.

„Кога се случи неговиот трансфер, бевме многу среќни бидејќи тој е извонреден играч, исто како што беше Луис Суарез во своето време. Овие играчи имаат талент, тие се посебни, исто како што беше Давид Виља во своето време. Ми се допаѓа неговата скромност, начинот на кој работи, без разлика дали треба да го засили нашиот блок на левата страна или чека на клупата да влезе на теренот”, изјави Чоло.

„Арања“ за Атлетико постигна 21 гол на 40 натпревари во сите натпреварувања (10 во Ла Лига, шест во Лигата на шампионите, пет во Купот на Шпанија), а задутре ќе биде прва опција во нападот на својот клуб против Реал Мадрид, во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.