Австралиски пар доживеал „трауматично“ искуство кога телото на почината патничка било поставено на седиштето веднаш до нив на летот на „Катар ервејс“ од Мелбурн за Доха. Мичел Ринг и Џенифер Колин, кои патувале за Венеција на одмор од соништата, за австралискиот „Channel 9“ изјавиле дека една патничка паднала и починала на патеката меѓу седиштата веднаш до нив.
Двојката рече дека кабинскиот екипаж го ставил нејзиното тело, покриено со ќебиња, покрај нив и дека го оставиле телото така да стои во преостанатите четири часа од летот без да им понудат преместување, и покрај тоа што имало празни седишта.
Катар ервејс соопшти дека се извинува за „секоја непријатност или вознемиреност што овој инцидент можеби ги предизвикал“, додавајќи дека компанијата е во процес на контактирање на патниците.
„Не нѝ понудија поддршка“
Двојката изјави дека ниту Катар ервејс ниту „Qantas“, авиокомпанијата преку која го резервирале летот, не ги контактирале ниту им понудиле поддршка. Ринг нагласил дека екипажот навистина брзо реагирал кога жената колабирала, но дека за жал немало начин да ѝ се помогне.
Кабинскиот екипаж се обидел да го придвижи нејзиното тело кон бизнис класата, „но таа беше прилично крупна и не можеа да ја провлечат низ патеката“. Додека Колин успеала да се префрли на празно место во близина, Ринг тврди дека кабинскиот екипаж не му дал опција да го стори истото, иако имало слободни места.
И покрај тоа што ниту Ринг ниту Колин не оспоруваат дека авиокомпанијата не е виновна за смртта на жената, тие сметаат дека требал да постои јасен протокол за останатите патници во авионот.