Ако маркетите ги објавуваат цените на сите производи на интернет, купувачите ќе бидат заштитени oд скриени трошоци, рече Стојаноски

Макфакс

24/02/2025

12:41

242

Големина на фонт

а а а

Mаркетите да ги објвуваат сите цени на веб-страниците со цел подобра информираност на потрошувачот и олеснување на споредливоста на цените, предвидуваат измените на Законот за заштита на потрошувачите, кој е поднесен од парламентарното мнозинство.

Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека на денешната седница во понатамошна парламентарна постапка ќе помине законот со кој се уредува обврската за трговецот да ги означува и да ги објавува стоките со продажната и единечната цена за стоките на недвосмислен, видлив и читлив начин, а со цел подобра информираност на потрошувачот и за олеснување на споредливоста на цените.

„Големите, средните и малите трговци, кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47, во согласност со националната класификација на дејности, се должни на својата веб-страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна, односно единечната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба. Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените, ќе се применуваат одредбите од овој закон за означување на цените“, рече Стојаноски.

Исто така, како што додаде, со овој закон се дава овластување за министерот за економија и труд да го пропише со подзаконски акт начинот на објавувањето на цените на стоките и податоците што треба да се објават во согласност со став 1 од овој член.

„На ваков начин ќе се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на стоките што сакаат да ги купат и ќе се олесни споредливоста на цените. Исто така, им даваме и овластување на инспекторите да постапуваат на терен и да казнуваат доколку овој основ не биде застапен во маркетите“, рече Стојаноски.

Образложи дека одредбите од член 15 од овој закон нема да се однесуваат за микротрговец и трговец поединец, па во оваа насока се врши допрецизирање на прекршочните одредби. Со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди постигнување на следниве цели: Првата е транспарентност. Потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информациите за цените; Втората е фер конкуренција. Трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби; И, третата, заштита на потрошувачите. Тие ќе бидат заштитени од нефер практики, како што се скриените трошоци или нејасните цени.

Овој закон досега успешно е имплементиран во Израел, Италија, Франција и во Хрватска и секаде има намалување на цените, рече Стојаноски.

Додаде дека на ваков начин се дозволува потоа по основ на овој закон и на објавените цени да се креираат апликации и алатки на интернет, каде што граѓаните ќе може директно да ги споредуваат цените и да одлучуваат во кој маркет ќе може да добијат најмногу за своите пари.