Русија ги препознава напорите на Соединетите Држави (САД) да се придвижат кон брз прекин на огнот во Украина, но тоа е неприфатливо за Москва и се заканува со сериозни последици за руско-американските односи, објави денеска руската режимска новинска агенција РИА.
Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека може да ја препознае желбата на американската страна да се придвижи кон брз прекин на огнот.
„Но… прекинот на огнот без долгорочно решение е патот кон брзо продолжување на борбите и продолжување на конфликтот со уште посериозни последици, вклучително и последици за руско-американските односи. Ние не го сакаме тоа“, рече тој.
Рускиот напад врз Украина започна пред точно три години, на 24 февруари 2022 година, кога руските сили започнаа голема воена инвазија на украинска територија по наредба на рускиот претседател Владимир Путин. Конфликтот резултираше со десетици илјади жртви и раселување на милиони луѓе. Западните земји воведоа санкции кон Русија и обезбедија воена и хуманитарна помош за Украина.
Во изминатите две недели, актуелниот американски претседател Доналд Трамп ги интензивираше напорите за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина.