Мерц: Не ми се верува дека го велам ова, апсолутен приоритет е ЕУ да стане независна од САД

Макфакс

24/02/2025

07:47

322

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за канцелар на Унијата ЦДУ/ЦСУ, победничката партија на парламентарните избори во Германија, Фридрих Мерц, во неделата го опиша мешањето на САД во изборната кампања подеднакво проблематично како и руското мешање и се залагаше Европа да стане независна од САД што е можно побрзо.

„Интервенциите од Вашингтон не беа ништо помалку драматични, драстични и бесрамни од оние што ги доживеавме од Москва“, рече Фридрих Мерц во разговорот меѓу партиските претставници на јавната телевизија по парламентарните избори.

Тој рече дека американскиот претседател Доналд Трамп покажал дека судбината на Европа е целосно неважна за Американците. Мерц особено ја критикуваше поддршката на соработникот на Трамп, Илон Маск за десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД).


Веројатниот иден канцелар на Германија изјави дека Германија е под притисок од многу страни и затоа повика на повеќе единство во Европа.

„Никогаш не мислев дека некогаш ќе ги кажам овие зборови на германската телевизија, но сега апсолутен приоритет е да се постигне единство во Европа и да се зајакне Европа до точка што постепено ќе може да стане независна од САД“, рече претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Тој рече дека се радува на самитот на НАТО во јуни. „Прашањето е дали тогаш воопшто ќе можеме да зборуваме за НАТО во неговата сегашна форма или дали ќе треба уште побрзо да воспоставиме европска одбранбена способност“, рече Мерц.

Според последните официјални проекции во 23 часот вчера, што ги пренесува јавниот радиодифузен сервис АРД, ЦДУ/ЦСУ освоиле 28,5 отсто од гласовите, АфД 20,6 отсто, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) 16,5 отсто, Зелените 11,8 отсто, а партијата Левица 8,7 отсто.