Милошоски: Кој бил мотивот на Коцевски незаконито да поставува ЈО кои ќе си вршат надзор над сопствени предмети?

Макфакс

22/02/2025

10:39

322

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски преку објава на социјалните мрежи аргументираше „зошто државниот обвинител е зрел за менување“.

„Аргумент плус дека државниот обвинител е зрел за менување дава и неговата Одлука за надзор, со која тој ги прекршил нормите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Поточно, на 07.10.2024г обвинителот Коцевски потпишува Одлука за вршење надзор на работата на Вишото обвинителство – Скопје и за таа цел формира работна група, во која битна улога И дал на обвинителката Лиле Стефанова. Но, Коцевски морал да знае дека обвинителка која што постапувала по одредени предмети во прв степен не е законито да врши надзор на истите предмети во втор степен“, вели Милошоски.

„Имено, обвинителката Лиле Стефанова лично учествувала и како обработувач и како застапник на поранешното СЈО во предметите „Поштенска банка“ и предметот „Драган П. Латас“, а потоа со одлуката на Коцевски добила противзаконито овластување да врши надзор за истите предмети кај нејзините колеги од вишото обвинителство.


Оваа одлука е дополнително контраверзна бидејќи во моментот на ангажирањето на Лиле Стефанова, обвинителот Коцевски знаел дека за неа се води истрага како осомничена во предметот „Бонусите на СЈО“ за незаконито примени 94.000€, кој предмет во втор степен по жалба се разгледувал токму во Вишото обвинителство- Скопје, каде таа добила задача да врши надзор. Личниот интерес на обвинителката Лиле Стефанова како осомничена не можел, а да не влијае на нејзиниот надзор или притисок кон колегите во ВЈО-Скопје.

Останува дилема кој бил мотивот на Коцевски незаконито да поставува ЈО кои ќе си вршат надзор над сопствени предмети?! Дали имал лукративен мотив, или имал цел да ја заштити групата од СЈО од сомневања за незаконско работење во замена за нивната поддршка, или можеби добил политички насоки?!

Но, без оглед на мотивите, со оваа постапка обвинителот Коцевски го прекршил начелото на професионалност во обвинителство, како и членовите 72 и 75 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Ова е уште еден пример за крупна професионална грешка од страна на Коцевски, во соработка со неговата колешка Лиле Стефанова, заради која истиот треба да си поднесе оставка или да биде разрешен од страна на Собранието!“, пишува Милошоски.