Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посети УК за ТОАРИЛУЦ и оствари средба со директорката Марија Срцева-Јовановски по повод подготвителните активности кои се во завршна фаза за почнување темелна реконструкција на просториите на КАРИЛ, која се реализира првпат.
Поради внимателно и безбедно пристапување кон реконструкција на КАРИЛ, од Министерството информираат дека оваа установа во наредниот период ќе функционира со намален капацитет за што се известени сите јавни здравствени установи во државата.
„Некои од пациентите ќе ги преземат ГОБ ‘8 Септември’, Хируршката клиника ‘Св. Наум Охридски’ и Клиниката за неврохирургија во согласност со изготвениот интерклинички план, а во соработка со Министерството за здравство. Во согласност со планот, овие јавни здравствени установи ќе преземат точно утврден број пациенти, со заеднички договор со јавните здравствени установи“, се нагласува во информацијата.
Оваа капитална инвестиција, според Министерството, е од национален интерес и првпат од основањето на клиничкиот центар се пристапува кон темелна реконструкција на КАРИЛ.