Основачот на "Twitter", кој сега е активен на платформата "BlueSky", изнесе свои ставови за тоа зошто луѓето ја напуштаат платформата "X".
Џек Дорси го сподели своето мислење за тоа зошто луѓето ја напуштаат платформата што самиот ја основал (X, поранешен "Twitter") за да се приклучат на друга, во чие основање помогнал ("BlueSky").
„Мислам дека луѓето повеќе бегаат од X, отколку што се префрлаат на нешто како "BlueSky"“, истакна коосновачот на "Twitter" во неодамнешно интервју за поткаст.
„За жал, тоа не е најдобриот начин да се создаде производ. Ние сакаме корисници кои доаѓаат поради нешто што претходно не можеле да го направат“, додаде тој.
"BlueSky" првично беше формиран во 2019 година како интерен проект на "Twitter", додека Дорси сè уште беше извршен директор. Сепак, во 2021 година беше претворен во самостојна корпорација.
Дорси се повлече од позицијата генерален директор на "Twitter" во 2021 година, а неговиот мандат во бордот на директори заврши наредната година.
„"BlueSky" изгради нешто што отсекогаш сакав да го создадам и што ме возбудува – продавница за алгоритми, каде што имате можност да ги изберете вашите сопствени алгоритми“, објасни Дорси.
Илон Маск го купи "Twitter" за 44 милијарди долари во 2022 година и оттогаш направи бројни промени. Ја преименуваше платформата во X, смени неколку високи раководители, отпушти околу 80% од персоналот, врати претходно забранети корисници и започна да продава верификација со сина ознака.
Од друга страна, "BlueSky" во ноември минатата година забележа зголемување на бројот на нови корисници, откако многумина ја напуштија платформата X по изборите во САД, каде што Трамп повторно беше избран за претседател, а Маск му даде финансиска поддршка.
„Она што му се случи на "Twitter" не може да ни се случи нам на ист начин, бидејќи корисниците секогаш ќе имаат можност веднаш да продолжат без да мораат да почнат од нула“, изјави извршната директорка на "BlueSky", Џеј Грејбер. „Создаваме социјална мрежа со отворен код, која секој може да ја преземе и развива, а тоа е нешто радикално поразлично од сè што досега било направено во светот на социјалните медиуми“.