Шпанската спортска јавност почна да отвора дебати за разговорното значење на зборовите „Fuck off“ и „Fuck you“ кои најчесто се користат во Англија, пред се поради фактот што Џуд Белингам заработи директен црвен картон поради користење на еден од овие два термини.
Главниот судија Хосе Мунуера во својот записник напиша дека Белингам му се обратил со зборовите „Fuck you“, а во ситуација кога Џуд се брани со теорија дека рекол само „Fuck off“, во јавноста на големо се пишува дали арбитарот погрешно го разбрал фудбалерот на Реал Мадрид.
Во разговорна смисла во Англија, „Fuck off“ се користи и на сите натпревари во Премиер лигата, но во Шпанија овие зборови се толкуваат на посериозен начин, што всушност и треба да биде така според Ханси Флик.
Тренерот на Барселона се огласи за немилата епизода која вчера се случи на „Ел Садар“, заклучувајќи дека Белингам покажал непочитување кон судијата, без оглед на тоа кој од двата термини ги употребил во дадената ситуација.
– Зборовите на Белингам се недолични и за мене тоа е знак на непочитување. За мене едноставно е така, не треба да се користат такви зборови. Тоа не е ситуација која влијае врз мене, но јас од моите играчи постојано барам да не влегуваат во непотребни конверзации, не сакам да губат енергија на такви моменти.
– Само еден играч може да разговара со судијата, а тоа е капитенот. Тука треба да заврши работата за останатите. Поради вакви работи ми се допаѓа ракометот, кога судијата ќе свирне со свирчето, топката завршува на земја и почнува акцијата на противникот, – порача Флик.