Зеленски одбил да ја потпише понудата на Трамп за минералите

Макфакс

15/02/2025

20:35

3.806

Големина на фонт

а а а

И покрај силниот притисок од Вашингтон, украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да потпише нацрт-договор со кој половина од украинските ретки минерали би се предале на американски компании во замена за воена помош, тврдат две лица запознаени со преговорите.

„Договорот сè уште не е потпишан. Страните се уште разговараат за деталите“, изјави украински функционер кој побара да остане анонимен поради чувствителноста на разговорите.

„Адвокатите сè уште работат на тоа. Во својот предлог, Американците опишаа многу сложен механизам со кој сакаат да добијат 50 отсто од украинските минерали“. Тој додаде дека планот може да пропадне бидејќи може да биде во конфликт со украинското законодавство.

Киев веќе извесно време се обидува да го заинтересира американскиот претседател, познат по својот прагматичен пристап, да го гледа рудното богатство на Украина како солидна причина за континуирана поддршка во борбата против руската агресија. Блиски соработници на Доналд Трамп сугерираат дека договорот за минерали може да послужи како еден вид „економски штит“ кој ќе и покаже на Москва дека САД имаат конкретни интереси во Украина.


Претходно оваа недела, Трамп рече дека Украина треба да обезбеди 500 милијарди долари од своите минерални ресурси за да ја компензира американската воена и цивилна помош од почетокот на војната. И покрај се, преговорите се уште траат, а договор се уште не е постигнат.

„Украинската страна го испрати својот предлог до американската страна, па сега тие чекаат повратни информации. Додека Американците ги анализираат украинските предлози, ние ги разгледуваме нивните“, објасни функционерот.

Лице запознаено со преговорите за Политико изјави: „Американците не се задоволни од предлозите што ги добија од Украина“.

Дополнителен проблем со американскиот нацрт, како што се тврди, лежи во тоа што тој не вклучува конкретни безбедносни гаранции за Украина. Единствената можна безбедносна компонента би била распоредување на американски војници за заштита на рударските локации, но само во случај на договор за прекин на војната со Русија.

Прашањето за експлоатација на минерали стана едно од клучните прашања во одржувањето на американската поддршка за Украина. Во четвртокот, средбата на украинскиот претседател со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција беше одложена од утрото на вечерта, бидејќи Украинците сакаа во последен момент да направат измени на предложениот договор за минерали.

Американскиот државен секретар Марко Рубио и Зеленски разговарале на оваа тема на прием со американски официјални претставници во Минхен вчеравечер, според лице запознаено со деталите од разговорот. Разговорот имплицираше, иако не беше експлицитно наведено, дека САД ќе ги заштитат своите интереси во „заеднички бизнис потфат“.

Според американските пратеници кои се сретнаа со Зеленски во Минхен, украинскиот претседател нагласил дека внимателно го проучува американскиот предлог за да се увери дека е во согласност со украинските закони.

„Мислам дека постапи одговорно“, изјави републиканскиот сенатор Том Тилис. „Тој рече дека детално ќе го проучи предлогот и ќе види дали е во согласност со нивните закони, устав и слични прашања.


Еден од клучните поборници на договорот, сенаторот Линдзи Греам, близок соработник на Доналд Трамп, рече дека се обидува да го убеди претседателот за важноста на Украина со тоа што ќе го нагласи нејзиното минерално богатство. Дури, како што вели, му покажал мапа со локациите на највредните наоди.

„За мене е клучно да покажам дека Украина има вистинска вредност“, рече Греам на маргините на конференцијата во Минхен. „Трамп сега ја гледа Украина поинаку… Му реков: „Овие луѓе седат на рудник за злато! Погледнете ја картата!“

Претходно оваа недела, американскиот министер за финансии Скот Бесент го посети Киев и му го претстави на Зеленски нацрт-договорот за економска соработка, кој вклучуваше експлоатација на ретки минерали. По средбата со Бесент, Зеленски рече: „Сакаме да го потпишеме овој договор што е можно поскоро. Времето не е наш сојузник и не сакаме да го губиме“.

„Овој договор ќе биде силен сигнал до руското раководство за посветеноста на Америка кон Украина. Исто така, ќе биде јасна порака до американскиот народ дека парите инвестирани во Украина имаат конкретна економска основа, заеднички вредности и безбедносни интереси“, рече Бесент.

Уште пред претседателските избори во САД, Украина почна да го промовира своето минерално богатство како потенцијална основа за соработка со САД.

Така Зеленски во септември му го претстави на Трамп т.н „план за победа“, во кој Украина на своите стратешки партнери им понуди заедничка заштита на клучните суровини, како и заеднички инвестиции во нивно истражување и експлоатација. Според податоците на украинското Министерство за природни ресурси и животна средина, Украина поседува наоѓалишта на 22 од 50-те минерали кои американската администрација ги идентификуваше како клучни за технолошкиот и одбранбениот сектор. Меѓу нив се издвојуваат богатите наоѓалишта на графит, литиум, титаниум, берилиум и ураниум.

Овие ресурси се од суштинско значење за производство на батерии, радарски системи и оклопна технологија, а во исто време може да ја намалат зависноста на Америка од кинески извори.

„Развојот на рударскиот сектор во Украина не само што ќе ја зајакне економијата и одбранбените способности на Украина, туку и ќе им помогне на западните сојузници да обезбедат стратешка самодоволност“, рече Марија Репко, заменик директор на Центарот за економска стратегија во Киев.

Но, многу од овие ресурси се лоцирани во области под руска контрола, а Кремљ исто така има право на нив.

„Овие ресурси се клучни за индустриската и воената моќ на Русија, бидејќи ќе им овозможат да постигнат економска самодоволност и да ја намалат нивната зависност од залихите од Запад“, заклучува Репко.