„TUTU Pet Wellness Center“ е најпознатиот пет-велнес во Скопје, кој ги има поставено стандардите за професионална грижа за миленици. Со нивната страст за животни и внимателност кон секој детаљ, „Tutu MK“ е место каде што секој миленик добива највисока грижа и внимание. Овој салон, исто така посредува при процесот на адаптација и грижа за нови миленици. Со својот уникатен пристап, Туту Центарот за благосостојба на миленици создава место каде што секој миленик и неговиот сопственик се чувствуваат пријатно и сигурно. Точка имаше можност да зборува со основачот Илија Петковски, ни откри што е тоа што ги прави уникатни и како успеваат да создадат топло и пријатно искуство за секој клиент. Се потрудивме да дознаеме што е најважно за нивниот успех, што ги инспирира секој ден, но и како успеваат да понудат услуги кои ги задоволуваат потребите на милениците и нивните сопственици.
1. Како започна оваа Ваша приказна?
• Што ве инспирираше да го отворите „Tutu Pet Wellness Center“ и да навлезете во светот на домашните миленичиња?
Во 2017 година веќе 20 години живеевме со сопругата во Франција и во Брегот на Слоновата Коска каде како магистер геолог од Сорбона работев на фантастични еко-пријателски проекти. После целосно професионално исполнување и реализирање во таа кариера, посакавме да имаме свој бизнис во Македонија. Ние сме ветеринарни техничари и идејата беше да создадеме место каде луѓето ќе ни плаќаат да им помагаме, да ги галиме и да си играме со нивните кучиња – така го создадовме „Туту“, првиот Центар за благосостојба на миленици на Балканот.
Инспирацијата е пред сè водена од луксузот кој го поседуваме да сме финансиски независни и да избереме да живееме од приходи од она што го сакаме и е наше хоби, бидејќи иако центарот е препознаен и надвор од границите на Македонија со соработки со колеги од Париз, Берлин и Токио нашиот пристап кон Туту е сè уште како кон наше хоби и задоволство.
2. Кои се најголемите предизвици што ги имавте на почетокот и како ги надминавте?
Убедлив најголем предизвик беше менталитетот на клиентите со кои се соочувавме на почетокот бидејќи бележиме неверојатно голема еволуција во навиките и едноставно културата на чување куче во последните десет години и истата секако дека во следната деценија ќе биде на исклучително високо ниво кое сега го бележиме во светските центри. Во тој период груминг индустријата исто така беше мал круг и на прстите од една рака се броеја луѓето кои ја извршуваа оваа дејност во Македонија. Денес сме стотина, преку нашата Академија обучивме над триесетина стилисти за миленици од кои дел и од соседна Србија каде историски нашите грумери се обучуваа. Исто така, и во Службен Весник добивме официјален Стандард на занимање на кој работеше Туту екипата со соодветните министерства, ја основавме единствената „Асоцијација на Стилисти за Миленици“ во Македонија со која организираме семинари кои претходно се случуваа единствено во соседството, ја ставивме Македонија на мапата на најголемите производители од Чикаго, Париз и Шангај на професионална груминг опрема и козметика од кои сме ексклузивни увозници, го создадовме единствениот Петкаст на Јутјуб наменет за животни „Откритие МК“ како и првата македонска агенција за посредништво при купување на миленик „milo.mk“ … сите предизвици и недостатоци во пет сервис индустријата ги претворивме во можности за нови платформи и вработувања за да се издигне истата.
3. Грумингот за многу луѓе може да биде само обична нега на домашното милениче, но вие го гледате и како нешто повеќе. Која е најважната работа што ја учат вашите клиенти за време на процесот на груминг?
Негата и навиките на соодветно чување според одговорното сопствеништво се тесно поврзани и исто така важни за симбиотична врска помеѓу сопственикот и миленикот. Оваа хармонија е важна за намалувањето на бројката на бездомната популација од страна на напуштени миленици затоа што свесен и хиреархиски правилно поставен сопственик е потребна за миленикот.
4. Што го прави вашето салонско искуство различно од другите? Какви услуги може да се најдат тука што не се наоѓаат во други салони?
Денес сè помалку е видлива разликата помеѓу нашата и услугата во другите салони. Ние сме најтранспарентниот салон кој преку едукации, Асоцијацијата и видео снимки во живо отворено ги споделуваме нашите практики. Наша сатисфакција е кога разликата во квалитетот на услугата се намалува со другите салони и се надеваме дека „лидершипот“ ќе го преземат други амбициозни салони не поради нашето назадување туку поради нивната компетитивна способност да се испорача квалитет со светски број 01 козметика и опрема и ние да го одржуваме темпото. Денес груминг индустријата во Македонија е на мошне високо ниво со неколку „high-end“ салони кои нудат хигиенски услови за пример на салоните во регионот, пријателски пристап кон милениците, ергономична професионална опрема … генерално ни недостасуваат сопственици на кучиња со амбиција да чуваат и негуваат модели за семинари и натпревари.
• Дали имате некои специјализирани третмани или услуги за посебни раси или потреби на миленичињата?
Третманот со озон и длабоко чистење на порите на кожата со нано меурчиња е услуга со која сме единствени на Балканот и едни од ретките во Европа. Потоа, исто така наши специјализирани третмани се сертифицирани ароматерапии со Мистер Вон, искусен педесет годишен грумер и ароматерапевт од Јапонија кој пристигна пред една година за да ѝ се приклучи на Туту екипата и ги сподели со нас своите вештини. Груминг третмани на мачки, релаксирачки масажи и јапонско-корејски стил на шишање на пудлици и бишони се исто така дел од специјализираните третмани.
5. Додека за многумина сте познати како салон за нега, се чини дека и посредувањето за продажба на расни кученца е важен дел од вашата понуда. Како започнавте со оваа дејност и што ве мотивираше да се вклучите во продажба на кученца?
Како што претходно напомнав, развивајќи го Туту како Центар за благосостојба на миленици констатиравме дека постои огромен број сопственици кои не биле во можност да бидат соодветно упатени и информирани за карактеристиките на расата на миленикот и не биле упатени посебно кон одредени специфики на некои раси кои не се соодветни со нивните очекувања. Така тие се наоѓаат во комплицирана состојба каде некои однесувања или потреби на миленикот им пречат и за жал некои се одлучуваат да се разделат од истиот. За да спречиме напуштање на миленик ние учествувавме во многу успешни приказни каде наоѓаме ново семејство за миленикот кој вдомува миленик без тој да биде напуштен на улица.
Ова е голем стрес за животното но и исто така и за сопственикот кој тажи, чувствува вина и неуспех. Секогаш ги охрабруваме истите да комуницираат, побараат помош и да се разделат во хумани услови каде стресот на миленикот ќе биде поблаг. Ние пред сè вршиме интервју за да им помогнеме на идните сопственици да се одлучат за миленик кој одговара на нивниот ритам на живот и очекувања. Миленици освен кучињата се секако и мачките и папагалите и новите видови на домашни миленици во терариум и секако аквариумските миленици. Многу е важно реалноста на можностите да биде ставена во однос со желбите. Откако ќе се одбере видот на миленикот се прават тестови за соодветната раса која не треба да биде само според изгледот.
6. Какви раси обично најчесто бараат вашите клиенти? Дали забележувате некои трендови во побарувачката, на пример, кои раси се најпопуларни и зошто?
Секако, кај кучињата традиционално има раси во тренд кои беа големи пред неколку децении. Одредени славни личности или филмови го наметнуваат тој тренд што, за жал, создава голема побарувачка и сериозните сертифицирани одгледувачи со кои соработуваме не се во можност да го задоволат веднаш пазарот кој доживува компулсивно однесување и тогаш една група на профитери почнува масовна продукција на расата на штета на женките кои се исцрпени, а малите се во несоодветни услови со губење на квалитетот на генетиката. На времето беше популарен германскиот овчар зашто другарот Тито имаше таков, или пак шкотскиот овчар од филмот „Леси се враќа дома“, како и акита ину од „Хачико“, потоа Парис Хилтон со своите померанци или кралицата Елизабета со корги. Моментално трендот е на црвените мини пудлици кои имаат влакно што не се митари сезонски и се кучиња кои се високо интелигентни и се една од ретките раси кои се користат во терапии на болести епилепсија, панични напади, инсулински кризи … како „alert-dog“.
7. Секоe милениче има своја личност. Како ги совпаѓате расите со карактерот на сопствениците? На пример, дали некои раси се подобри за почетници, а некои за искусни сопственици?
Секако. Одредени раси како на пример кавалерски шпаниел на Кралот Чарлс (Cavalier King Charles Spaniel) се на прво место препорачани според карактерот за први сопственици. Иако се трудиме да го поттикнеме и следиме вдомувањето со разни програми, сепак не препорачуваме вдомување на мешанец кој бил на улица за почетник исто како и сите работни и заштитни раси кои бараат многу познавања од кучешката психологија
8. Како одбирате кои кученца ќе бидат понудени за продажба? Какви критериуми имате кога работите со одгледувачи и како се осигурувате дека сите кученца имаат добри услови за живот?
Нашата задача е да ја идентификуваме одгледувачницата која го нуди најдоброто според тестот на идниот сопственик на куче и да го споиме со вистинската одгледувачница која ја познаваме според квалитетот на кучињата во сите аспекти, здравствен, карактерен, кинолошки, генетски … сериозните одгледувачи имаат високи стандарди и вршат селекција на кого ќе му продадат куче и го задржуваат нивното ексклузивно право да одбијат да продадат некому куче.
• Какви мерки преземате за да се осигурите дека новите сопственици добиваат сè што им е потребно за кученцето?
Нашата асистенција кон идните сопственици не завршува со поврзувањето со одгледувачницата туку ги следиме и им нудиме совети во сите административни процедури, здравствени протоколи, кинолошки вовед, услуги за нега, ориентација кон потребните алатки и реквизити, храна … остануваме со нив сè до разделбата со миленикот.
9. Има ли некои добротворни или едукациски проекти што ги поддржувате или планирате да ги започнете во иднина?
Постојано работиме на проекти преку нашиот петкаст Откритие МК и „Асоцијацијата на Стилисти за Миленици“ имаме полна агенда 2025 како едукативен семинар за професионални грумери во Април, најголемиот Пет настан во регионот Пет Фест крај на мај, потоа имаме „Spring Fashion Show“ и бројни работилници со сопственици и колеги. До сега сме ги поддржале финансиски и логистички буквално СИТЕ настани од добротворен карактер насочен кон миленици кога организаторите како Лајка и други го побарале тоа од нас.
10. Што е најважното што сакате да го оставите како порака за вашите клиенти и сите кои се заинтересирани за грижа и купување на милениче?
Секогаш инсистираме дека: Поседувањето куче не е ничија обврска ниту потреба, тоа е луксуз кој финансиски и временски чини многу скапо а кучето ќе ви возврати единствено со најскапоценото нешто на светот:неговата неусловна љубов кон вас и вашето семејство … сепак за да биде навистина така, бирајте добро и НИКОГАШ НЕ БРЗАЈТЕ зашто нема простор за грешка.
Aвтор: Симона Коцевска
Фото: Приватна архива
ТОЧКА МЕДИА 2025