Лука Дончиќ и утринава уживаше од клупата во одличниот настап на ЛеБрон Џејмс и неговиот нов тим во НБА, а фановите очекувано со нетрпение го очекуваат неговото деби во дресот на Л.А Лејкерс.
Последните информации на „ЕСПН“ велат дека Словенецот се подготвува за настап во понеделник, односно дуелот на кој Лејкерс ќе ја пречекаат Јута на домашен терен.
Тренерот Џеј-Џеј Редик не можел да го потврди ова сценарио, но признал дека е можно Дончиќ да го одигра првиот натпревар на почетокот на следната седмица.
– Мислам дека има шанси неговиот прв натпревар да биде во понеделник. Нема посебен притисок за ова, но Дончиќ се движи во правилна насока за да може да дебитира против Јута.
– Во однос на евалуацијата, сакаме тој да се чувствува комфорно, сакаме и лекарскиот тим да биде сигурен во својата одлука, нема потреба од брзање иако сите сакаме да го видиме на теренот, – рекол Редик.
Во меѓувреме, Лејкерс ќе ја пречекаат Индијана во сабота, што значи дека тоа ќе биде уште еден натпревар на кој Словенецот нема да биде во комбинација.