Бескомпромисните перформанси, исклучителниот дизајн и карактеристичната мелодија на "V12" моторот отсекогаш биле главните предности на болидите на "Ferrari".
Наскоро картите малку ќе се измешаат и "Ferrari" ќе се приклучи на трендот на електрификација.
Тоа ќе се случи оваа есен, потврди лично извршниот директор на "Ferrari" Бенедето Виња на презентација на која беа презентирани финансиските резултати и деловните планови.
Виња не сакаше да открие какви било детали за електричниот новитет, но рече дека ќе понуди нешто поразлично од другите електрични автомобили, тврдејќи дека комбинацијата на стил, перформанси и возбуда при возење ќе го направи „уникатен“.
Првите индикации се дека тоа нема да биде класично спортско купе. Кросовер, или барем некој вид на GT, има најголеми шанси.
Сепак, љубителите на октаните не треба да се грижат. Покрај електричниот новитет, "Ferrari" веќе го потврди доаѓањето на уште пет нови модели, меѓу кои и "12Cylinder Spider."
Има големи шанси да се подготвува и наследник на моделот "Roma", кој престана да се произведува минатата година.