Американскиот претседател, Доналд Трамп, бара Украина да ги снабдува САД со ретки метали како услов за помош на земјата разорена од војна, објави новинската агенција АФП.
„Сакаме да склучиме договор со Украина каде тие ќе го обезбедат она што ќе им го дадеме со нивните ретки метали и други работи“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
„Украина ја изрази својата подготвеност да соработува во снабдувањето со основни материјали. Многу сектори се потпираат на нив“, додаде тој.
Трамп не прецизираше какви материјали бара Вашингтон од Киев.
Трамп, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, вети дека брзо ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина, но не објасни како планира да дојде до тоа. Неговите соработници сугерираат дека преговорите би можеле да траат со месеци.
Трамп изрази подготвеност да разговара со Путин за завршување на војната, што е во спротивност со политиката на поранешниот демократски претседател Џо Бајден, кој избегнуваше контакт со рускиот лидер.
Изборната победа на Трамп во ноември ги зголеми надежите за дипломатско решение за ставање крај на руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година. Но, во Киев постои загриженост дека брзиот мировен договор може скапо да ја чини Украина.