Француски режисер осуден на четири години затвор за сексуален напад на актерка кога таа била малолетна

Макфакс

03/02/2025

19:33

282

Големина на фонт

а а а

Францускиот режисер Кристоф Руџа денеска е осуден на четири години затвор, од кои две ќе вклучуваат носење електронска нараквица, поради сексуален напад врз актерката Адел Енел додека била малолетна.

Еден од адвокатите на режисерот веднаш по пресудата изјави дека ќе биде поднесена жалба.

Адел Енел (35) не реагирала на објавувањето на пресудата, а Руџа (60) избегнувал да ја погледне во судницата.

Кривичниот суд му наложи на режисерот да и плати на актерката 15.000 евра отштета како и 20.000 евра за нејзиниот долгогодишен надзор од психолог.

Обвинителството на 10 декември побара затворска казна од пет години за режисерот, кој негираше дека ја нападнал Адел Енел кога имала околу 13 години.

Во ноември 2019 година, актерката изјави за онлајн медиумот „Медиапарт“ дека режисерот несоодветно се однесувал кон неа за време на снимањето на „Les Diables“ (Ѓаволите). Адел Енел во тоа време имала околу 13 години.

Енел тогаш изјавила дека за време на подготовката и снимањето Руџа сексуално ја вознемирувал постојано допирајќи ја и насилно бакнувајќи ја во вратот.

Сето тоа се случувало во неговиот дом и за време на разни меѓународни фестивали, кога таа имала меѓу 12 и 15 години.

Руџа има снимено неколку филмови, меѓу кои „Les Diables“ (2002) и „Dans la tourmente“ (2011).