[ВИДЕО] Канадските навивачи ја исвиркаа американската химна неколку часа по одлуката на Трамп

Макфакс

03/02/2025

08:38

1.152

Големина на фонт

а а а

Неколку часа откако претседателот на САД, Доналд Трамп, најави воведување високи царини за канадски увоз, а по контроверзните предлози на Трамп Канада да стане 51-та американска држава, незадоволството меѓу Канаѓаните станува се повидливо, дури и во спортските сали.

За време на натпреварот во Националната хокеарска лига (НХЛ) во Отава против Минесота, канадските навивачи ја исвиркаа американската химна. Слична сцена беше повторена и за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Торонто Репторс и Лос Анџелес Клиперс, каде свирежите го задушија настапот на пејачот, а од друга страна, канадската химна беше интонирана со необичен жар и ентузијазам.

Администрацијата на Трамп воведе царини од 25% за сите канадски увозни производи во САД, со дополнителни 10% за енергетските производи, предизвикувајќи стравувања од сериозна трговска војна на северноамериканскиот континент. Економските аналитичари предупредуваат дека тоа може да има сериозни последици не само за Канада, туку и за американските потрошувачи, кои би можеле да се соочат со повисоки цени на горивото и основните потреби.

Покрај економските последици, одлуката на Трамп доаѓа и во контекст на неговите претходни изјави дека Канада треба да стане 51-та американска држава – што претходно се сметаше за политичка провокација, но сега добива нова тежина.

Додека економските експерти предвидуваа значителен удар за канадската економија, политичките лидери во земјата, вклучително и премиерот Џастин Трудо, ги повикаа граѓаните да покажат солидарност. „Многу од нас ќе бидат погодени од ова и ќе имаме тешки моменти. Ве молиме бидете тука еден за друг. Сега е време да ја изберете Канада“, рече Трудо.