Регионот денеска ги бојкотира продавниците: Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и БиХ против големите супермаркети поради енормно високите цени

Макфакс

31/01/2025

10:44

714

Големина на фонт

а а а

По повиците на социјалните мрежи, денеска се очекува граѓаните во државата да ги бојкотираат маркетите поради високите цени на прехранбените производи. Иницијативата која прво се случи во Хрватска, а подоцна слични акции беа најавени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, доби поддршка од пошироката јавност, како и од партиите од власта и од опозицијата.

И премиерот Христијан Мицкоски деновиве искажа разбирање за бојкотот и најави засилени контроли и казни за трговците кои го изигруваат законот и мерки за заштита на животниот стандард.

Бојкот се одржува и во Црна Гора, на кој со денови повикуваат групи граѓански активисти, невладини организации и синдикати, а делумно и Владата. Истата ситуација се случува и во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.

Алтернатива Црна Гора денеска ги повика граѓаните да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците во земјата. Целта на бојкотот е да се испрати предупредување до сопствениците на пазарот дека Црна Гора конечно може да се обедини.


Вчера во Хрватска започна најавениот седумдневен бојкот на поголемите маркети како и на одредени производи.

„Јас го поддржувам бојкотот, ако мнозинството луѓе бојкотираат, тоа ќе има влијание однадвор“, изјавила жена за Индекс пред продавница во Загреб.

Група граѓани на Босна и Херцеговина, со денови незадоволни од високите цени на храната, иницираа бојкот на продавниците, кој е закажан за денеска, пренесува „Кликс“.

Во најавата за бојкот се повикуваат сите граѓани да не ги трошат своите пари во продавници, пекари, трговски центри, бензински пумпи и ресторани денеска, 31 јануари.