Турција: 19 уапсени поради пожарот во хотел во ски-центар

Макфакс

27/01/2025

18:07

638

Големина на фонт

а а а

Турските власти приведоа 19 лица во врска со минатонеделниот пожар во хотел во ски-центар во северниот град Болу, објави државната новинска агенција „Анадолија“.

Уапсени се сопственикот на хотелот Гранд Картал, директорот, локалниот пожарникар и заменик-градоначалникот на Болу. Потерница е распишана и по вработен во фирмата за инспекција, стои во пријавата.

Пожарот, кој избувна рано утрото на 21 јануари, однесе 78 животи. Многумина од повеќе од 230 гости се обиделе да избегаат од хотелот скокајќи од прозорците или спуштајќи се со чаршафите. Инцидентот предизвика широки критики во Турција и обвинувања дека не се почитуваат мерките за спречување пожари.

Централната влада и општината Болу меѓусебно се обвинуваат за пожарот, со оглед на фактот дека градот е под контрола на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП). Мерките за безбедност на градежништвото често не се почитуваат во Турција. Во петокот вечерта, зграда во централниот град Коња ненадејно се урна, при што загинаа две лица.

Минатата година 29 лица загинаа во пожар во ноќен клуб во Истанбул. Во силните земјотреси на југот на земјата во 2023 година загинаа повеќе од 50.000 луѓе, делумно поради неисправна градба.